Поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека на Украина треба да и се даде перспектива за членство во Европската унија, но предупреди дека е скептичен кога се во прашање роковите и дека Брисел не треба да ветува нешто што не може да го исполни.
-Целосно се согласувам дека треба да има перспектива за членство на Украина. Но, јас сум против давање ветувања кои не можат да се исполнат во рокот што Украина го сака.
Ова би резултирало таа земја повторно да биде разочарана и да и сврти грб на ЕУ, рече Јункер за швајцарските медиуми.
Јункер нагласи дека одлуката позитивно да се одговори на барањето на Украина за преговори е правилна.
-Но, сите учесници треба да знаат дека има предуслови што треба да се исполнат, за да не внесуваме непотребни проблеми во ЕУ, изјави Јункер, кој пред да биде избран за претседател на Комисијата во 2014 година, беше премиер на Луксембург речиси две децении.
Јункер потенцира дека поради распространетата корупција во општеството, Украина нема да биде подготвена за членство во ЕУ долго време.
Според него, би било вредно да се размислува за некаква делумна интеграција и постепено зближување, „некаков вид квази-членство за Украина“.
-Тоа секако би било пореално од полноправно членство во следните три до пет години, рече Јункер.