Унгарскиот премиер Виктор Орбан, се огласи на социјалните мрежи по договорот кој лидерите на ЕУ денеска го постигнаа за пакетот финансиска помош за Украина вреден 50 милијарди евра. Орбан соопшти дека неговата земја добила гаранции дека средствата на Унгарија од фондовите на Европската унија нема да бидат испратени во Украина, поради што го се согласил да гласа за пакетот. Унгарија имала две грижи – дека нејзините пари од фондовите на ЕУ ќе бидат испратени во Киев и дека Унијата ќе одлучи да додели пари на Украина за „премногу долг период без проверка“.„На крајот развивме механизам кој гарантира разумно користење на средствата во Украина и добивме гаранции дека унгарски пари нема да завршат во Украина. По долги преговори го прифатив овој предлог“, вели Орбан во видео пораката објавена на Фејсбук. Сите 27 лидери постигнаа договор за дополнителен пакет поддршка за Украина од 50 милијарди евра, во рамките на буџетот на ЕУ, објави претходно денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. „Имаме договор“, изјави Мишел на социјалната мрежа Икс (Твитер). Лидерите на ЕУ со тоа успеаја да го надминат противењето на Унгарија за обезбедување финансиска помош за Украина. Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно изјави дека Унгарија е подготвена да учествува во одлуката на ЕУ да и пружи помош на Украина, но со гаранции дека секоја година ќе се одлучува дали ќе се издвојат пари за нова помош или не. Орбан стави вето на помошта од 50 милијарди евра за Украина на претходниот самит на Европскиот совет, кој се одржа во средината на декември.