Утрински Весник
Свет

Словенија предлага законски измени со кои се олеснува вработувањето странски работници

20240124075938 Big 730x400 21

Словенечкото Министерство за труд предложи измени во Законот за вработување, самовработување и работа на странци, со кои ќе се усогласи со правото на Европската Унија и ќе се овозможи сезонската работа на странците да се прошири и на туризмот и угостителството.

Поради недостиг на работна сила, со предложените измени, кои ќе бидат на јавна расправа до 6 февруари, се проширува терминот „сезонска работа“, кој досега беше ограничен само на земјоделството и шумарството, и во секторот туризам и угостителство, јави СТА.

Предлогот, исто така, го намалува минималното потребно времетраење на договорот за странски работници за висококвалификувано вработување од една година на шест месеци.

Министерството за труд, исто така, ќе им дозволи на странците кои престојуваат во Словенија од други причини освен од работа, да се вработат врз основа на дозвола за привремен престој и информативен лист издаден од Заводот за вработување. Во ситуација на рекордно ниска невработеност, словенечките работодавци се соочуваат со проблемот на недостиг на работна сила.

На Западен Балкан има се помалку достапна работна сила, па компаниите, покрај бројните бирократски пречки, бараат работници и надвор од Европа. Според податоците од 2022 година, во Словенија имало околу сто илјади такви лица, од кои 90 отсто се од земјите на поранешна Југославија.

Можете да прочитате

Хезболах истрела 150 ракети кон Израел

Телефонски разговор Путин – Ердоган

Пакистан го прекина интернетот и мобилната телефонија