Утрински Весник
Култура

Бени Шаќири е нов директор на МКЦ

Beni

Утрово во Младинскиот културен центар пристигнал Бени Шаќири за да го презеде раководното место на Никола Алексов. Како што дознаваме од извори блиски на НоваТВ решението за нов директор на оваа културна институција и именувањето на Шаќири го потпишала градоначалничката Данела Арсовска, но Алексов не сака лесно да замине од директорската фотелја.

Иако денеска се бележи точно една година откако десетици граѓани, културни работници протестираа пред Младинскиот културен центар против политички и партиски позиционирања во оваа институција со паролата „МКЦ (не) е партиска цицка“, сепак волјата на Арсовска и нејзиниот фаворит за позицијата директор е исполнета.

На последниот конкурс за избор на директор во МКЦ стигнале три пријави: музичарот Бени Шаќири, дипломираниот продуцент и филмски работник Никола Мадиќ, кој е сопруг на заменичката-министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ, и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

Според процедурата, Управниот одбор на МКЦ ги доставил апликациите од кандидатите до градоначалникот на Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат. Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5-годишно работно искуство во областа на културата.

Последниот збор за одлуката кој ќе биде директор е на градоначалничката Данела Арсовска.

Досега в. д. директор на МКЦ беше Никола Алексов, дипломиран детектив, кој беше поставен на функцијата во јануари откако Арсовска го разреши Ванчо Богоев.

А. Василевска (НоваТВ)

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“