Најмалку 55 лица загинаа поради снежната бура и екстремниот студ низ САД.
Метеоролозите прогнозираат дека температурата од минус 34 Целзиусови степени може да се задржи до недела наутро во неколку американски држави.
Обилни снежни врнежи ги погодија Њујорк, Балтимор и Вашингтон во петокот, а температурите се очекува да се спуштат до минус 26 Целзиусови степени во големи делови од американските сојузни држави Арканзас, Мисисипи, Мисури, Тенеси, Кентаки и Канзас, според прогнозата на Националната метеоролошка служба. .
Метеоролошката служба објави дека во одредени региони на американската сојузна држава Западна Вирџинија може да наврнат и до 10 сантиметри снег со удари на ветер до 64 километри на час и температура од минус 29 Целзиусови степени.
Студот предизвика пукање на водоводните цевки во Мемфис, Тенеси, поради што повеќе од 400.000 жители добија препорака да ја зовриваат водата пред да се напијат.
Во Западна Вирџинија денеска важат предупредувањата за снежна бура.
Метеоролозите најавија дека затоплувањето може да се случи следната недела, кога прогнозираните температури ќе бидат натпросечни за овој период од годината.