Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, од Гази Баба, каде што присуствуваше на увид на градежни активности во рамките на акцијата „Ова е Македонија за сите“, беше запрашан и за коментар за најавениот закон за амнестија за кој премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе поднесат амандман ако со тоа законско решение се опфаќаат и лица осудени за случајот „Монструм“.
„Премиерот Ковачевски се надевам дека не е турист на седницата на Владата и кога ќе дојдат предлог-текстовите на законите, добива детаљна информација што содржат тие предлог-закони, а особено вакви, би рекол, многу специфични закони и самиот ги чита. Доколку тоа не го прави, тогаш треба што побргу да си замине од местото што во моментот го зазема затоа што не е достоен за тоа место. Законот уште не донесен во парламентот, зборуваме за амандмани што доаѓаат од самата Влада. Па што правеле, се поставува прашањето, сите тие на таа владина седница кога се разгледувал овој закон“, прашува Мицкоски.
Додава дека одамна е заминато времето за оваа Влада на СДСМ – ДУИ и цени дека колку побргу заминат, толку подобро ќе биде за сите граѓани на Македонија, колку побргу овој недостоен претседател на Владата замине, толку подобро ќе биде за сите граѓани и за самата Македонија.