
Соопштение за јавност на ЛДП:
За само два дена, повеќе од 10.000 граѓанки и граѓани ја потпишаа петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) за итно воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство! Оваа масовна поддршка е директна порака за власта и за сите оние кои со месеци бараа празни изговори, правдајќи ја својата незаинтересираност со некакви „недоработени решенија” и „подетални анализи”.
Додека парламентарното мнозинство во март го одбиваше овој закон и додека нивните коалициони партнери по телевизии оправдуваат „машки надзор” и ги омаловажуваат жените, на терен се случуваат трагедии, а жртвите живеат во постојан страв.
Народот во Македонија јасно покажа дека повеќе не прифаќа изговори што не држат вода! Техничката инфраструктура и уредите во системот за пробација веќе постојат – единственото нешто што недостасува кај власта е политичка волја да ги заштити човечките животи.
„10.000 потписи за 48 часа! Заедно УСПЕАВМЕ! Во март по втор пат ми го одбија предлог-Законот и ни се случи нова трагедија и нова жртва! Оваа петиција не е само бројка, туку народен ултиматум до Собранието и Владата веднаш да ги сопрат партиските калкулации и без одложување да го изгласаме законското решение за електронско следење на насилниците”, изјави Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и пратеничка во Собранието на Македонија.
ЛДП им се заблагодарува на сите граѓанки и граѓани кои со својот потпис застанаа зад оваа борба за заштита на достоинството и безбедноста на секоја жена. Нема да застанеме тука – народниот глас е премногу гласен за да продолжите да замижувате пред насилството.
Изгласајте ги електронските нараквици веднаш, бидејќи превенцијата спасува животи, а вашето молчење ве прави соучесници!



