Во „Мала станица“, на 5 октомври, со почеток во 20 часот, ќе се отвори изложбата на Митко Панов, концептуален, мултидисциплинарен уметник. Посетителите ќе имаат можност да присуствуваат на отворањето на проектот со наслов „Наместо вовед“. Изложбата ќе биде поставена до 29 октомври.
Изложбата на Митко Панов е осмислена да прикаже два елемента од неговото творештво – сликарството и филмот. Всушност, концептот е приказ на творештвото, каде што авторот е визуелен раскажувач.
Митко Панов е посветен на своето творештво во истражувањето нови изразни форми, каде што прави синтеза помеѓу класичните сликарски дисциплини, филмот и современите текови на идејата и концепт во уметноста. Експериментирањето со идејно концептуалните премиси овозможува оригинален ликовен продукт со продлабочени естетски резултати. Визуелното восприемање на светот што го опкружува преплетено со неговата имагинација создава ликовен свет во кој се обликуваат визуелните претстави.
Панов ја вткајува реалноста како инспирација во својата специфична творечка експресија. За него, реалноста е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и потрагата на лична вистина и суштина на постоењето. Во неговиот ликовен универзум реалноста е пренесена преку сопственото искуство, сфаќање и чувствување за светот, сопственото битисување во него создавајќи личен императив за еден друг реалитет, каде што не ги менува фактите на реалноста, туку го менува начинот на размислување во однос на стварноста. Перцепцијата преку окото на уметникот создава внатрешен свет, кој преку естетизираната визуелност станува слика што го отсликува домот на уметникот, т.е. неговата лична архива и опстојување.