Утре, со почеток во 11 часот, во Кинотеката на Македонија, ќе се одржи комеморација во чест на истакнатиот македонски сценограф и архитект Крсте С. Џидров-Џиби, кој, по долго боледување, почина на 73-годишна возраст.
Крсте С. Џидров е роден во 1950 година во Скопје, а од 1970 има направено сценографии за над 150 претстави во театрите во Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Шведска, Бугарија, БиХ, плакати за 70 претстави, сценографии за 10 филма, имал голем број изложби и добил повеќе награди. Соработувал со плејада режисери, меѓу кои: Владимир Милчин, Димитар Станкоски, Коле Ангеловски, Слободан Унковски, Дритро Касапи, Зоја Бузалковска, Благојче Божиновски, Примож Беблер, Бесфорт Идризи, Рефет Абази, Дино Мустафиќ… Во 2018, кога славеше 35 години активна театарска дејност, јубилејот беше одбележан со ретроспективна изложба на Млад отворен театар (МОТ). Во Младинскиот културен центар, на 96 паноа, тој ги изложи педантно собираните сценографии, цртежи, скици и фотографии, скици и макети од претставите и филмовите што ги работел од 70-тите, па наваму.
За својата сценографска и графичка дејност, Крсте С. Џидров е добитник на повеќе значајни награди. Од наградите за сценографија се издвојуваат: Аматерските театарски смотри во Кочани, во 1981 година, за претставата Како трупата „Сина блуза“ ќе ја прикажеше „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел; потоа на театарските игри Војдан Чернодрински во Прилеп во 1984 година (за Натемаго на филозофскиот факултет и Пахантика во сон), 1987 година (за Калуѓерички тишини), 1989 (за Спиро Црне), во 1993 (за Женски прилог во ноќта) и во 2003 година за претставата Колку пати ќе умираме. Исто така е добитник на наградата на фестивалот Стериино позорје, во Нови Сад, во 1987 година, каде ја има добиено наградата УЛУПУДС за претставата Дервишот и смртта на Покраинското позориште од Приштина; на Позоришни сусрети Јоаким Вујиќ во Приштина, 1988 година, за претставата Брегот на жалоста; на БИМАС 85 за претставата Бакхи на Дубровачките летни игри во 1985 година, и на фестивалот на Албански театри во Дебар за претставата Дервишот и смртта Албанска драма Скопје, во 2004 година. Од наградите за театарски плакати значајни се оние на Триеналето на театарски плакат – Стериино позорје, Нови Сад за претставата Баал, во 1990 година, и наградата на театарските игри Војдан Чернодрински во Прилеп, за претставата Грев или шприцер (1993 година). Во 2021 ја доби наградата за животно дело на 55. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.