Утрински Весник
Култура

„Македонскиот збор одекнува на сите континенти“ – отворена 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

„Македонскиот збор одекнува на сите континенти“ – отворена 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Македонскиот збор одекнувал, одекнува и ќе одекнува низ светот, на сите континенти! Со вложувањето во развојот на странската македонистика се следи и остварува аманетот на Мисирков. На Летната школа по македонски јазик, литература и култура, покрај семинаристи од земјите од кои редовно има учесници, сега повторно има семинаристи од земји во кои се надеваме тамошни универзитети ќе постстанат или повторно ќе бидат академски средишта во кои се изучуваат македонскиот јазик, литература и култура – во Охрид се семинаристи од сите страни на светот: од Кина до земјите од регионот.

dobivaj vesti na viber

Ова се дел од пораките и информациите што беа истакнати денес, на свеченото отворање на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, којашто се одржува во Охрид и ќе трае до 31 август. На отворањето во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид се обратија ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Јанкуловски, на почетокот на обраќањето го цитираше аманетот на Мисирков: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, затоа што тој е наш, како што е наша и татковината.“ Притоа посочи дека за остварување на овој долг од аманетот на Мисирков, клучен е развојот на современата странска македонистика.

– Без неа, заложбите и сонот на Мисирков, ама и на неговите потомци, а наши претходници, не ќе беа целосно остварени. За неа, клучна е токму оваа Летна школа – стожерот на странската македонистичка мисла, порача ректорот на УКИМ.

Тој посочи дека годинава има семинаристи и од НР Кина – таму, веќе се одвива настава по македонски јазик, а минатата година за првпат беше избран лектор и се прави сè Лекторатот да започне забрзан развој. Додека повторно има семинаристи и од САД, Јужна Кореја и Италија, а од Турција, покрај семинаристи од Истанбул, и годинава има и од Анкарскиот универзитет. Нагласи дека на оваа Летна школа има учесници и од Албанија, во период кога интензивно се работи о крај да се оствари иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана. По 2-3 години се вратија и семинаристи од Романија, на школата има учесник и од Украина и се зголемува интересот за изучување на македонскиот јазик од семинаристи од Грција. А тука се и семинаристи од земји од кои традиционално, без прекин има учесници на Летната школа: Франција, Полска, Словачка, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Руската Федерација, Чешката Република.

– Сето ова го нагласувам затоа што сакам да укажам дека за нас, секој од вас кој е подготвен македонскиот збор, мисла и вистина да ги пренесува во својата матична културна средина и низ светот е од исклучителна важност. И оние кои сте веќе со децении или години посветени на македонистиката, вклучително и универзитетски професори, истражувачи и докажани преведувачи кои и при исклучитлни предизвици останавте доследни на ставовите за македонистиката и меѓународно ги афирмиравте. И оние кои сте од новите генерации странски македонити и сте на почетното или средното рамниште на познавање на македонскиот јазик – затоа што вие сте иднината, порача Јанкуловски, обраќајќи им се на семинаристите.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Весна Мојсова-Чепишевска, посочи дека се потврдува дека ја разбравме пораката што Крсте Мисирков ни ја остави откако неговата книга „За македонцките работи“ веќе била објавена, а неговите идеали сè уште не биле остварени: „Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи.“

– Потребата тој факт да се афирмира пред светот, особено пред академската заедница, афирмирајќи ја и посебноста на македонскиот јазик и на македонската литература, била причина да се почне со организација на оваа Летна школа. Неспорно, тој факт веќе одамна е афирмиран низ светот и Мисирковите идеали, веќе се остварени. Ама причините за непрекинато одржување на оваа Школа, со текот на годините станаа и побројни. Клучната причина е што постојано има странски македонисти од сите континенти, кои со голема посветеност и со конкретни остварувања, тој факт го афирмираат низ светот, истакна директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Мојсова-Чепишевска и директно им се обрати на учесниците на Школата, притоа цитирајќи и стихови на Ацо Шопов: „Од врвот на светот ја здогледав и препознав мојата земја / распарчена и разграбена од темни братоубиствени војни, / од туѓи желби и посегања да ја присвојат за себе. / Само здивот на едниот нејзин дел / се извишува високо до непознати небеса / и како пролетен ветар од Шара / го заплиснува убавиот Пирин на Јане / и го разбранува синиот Егеј потемнет од мака…“

– Искрено се надеваме дека на оваа Летна школа, вие, не само што ќе ја препознаете и што подобро ќе ја запознаете, туку уште повеќе и ќе се приврзете за нашата земја, со продлабочени знаења за македонскиот јазик, литература и култура. Ние ќе сториме сè за тоа да се случи!, им порача меѓу другото, таа на учесниците на Школата.

Во завршницата на своето обраќање, повторно потсетувајќи на некои стихови на Шопов, таа посебно ја истакна важноста и семинаристите од младите генерации кои годинава доаѓаат за првпат или не биле многупати, да останат посветени на македонистиката и да продолжат да се среќаваат на Летната школа во Охрид, следејќи ја традицијата на многумина свои претходници и современици.

– Затоа што само ако таа традиција продолжи, и овде кај Охридското Езеро се среќавате и после многу лета, вклучително и вие кои годинава доаѓате за пррвпат или не сте биле многупати, и во времето што е пред нас, фактите за македонскиот јазик, литература и култура ќе одекнуваат низ светот, порача директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

На отворањето на Школата беше промовиран и зборникот со предавња од минатогодишното издание на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промоторка беше проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.

Веќе утре, по отворањето ќе се одржи и првото предавање, а семинаристите веќе следат и лекторска настава. Покрај наставата, во текот на Школата се предвидени и промоции на книги, учества на семинаристите на културни манифестации итн.

Како што беше истакнато на отворањето, Летната школа се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура. Дел од програмските активности се остваруваат со поддршка од Општина Охрид. На отворањето, од страна на директорката, Мојсова-Чепишевска, од името на МСМЈЛК при УКИМ беше упатена благодарност до сите овие фактори коишто ја препознаваат важноста на Летната школа.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“