Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ летово ќе биде капитен на својата репрезентација на Светското првенство. Дончиќ на прес-конференцијата на Кошаркарскиот сојуз на Словенија објасни колку му значи таа улога.
„Почестен сум и горд“, јасен беше Дончиќ.
„Беше долго лето за мене, но среќен сум што се вратив во националниот тим. Многу натпревари, многу тренинзи, со нетрпение го очекувам сето тоа. Не сум играл од 10 април, едвај чекам“.
Дончиќ зборуваше и за целите на Словенија пред претстојниот Мундобаскет.
„Целта е секогаш иста. Секогаш кога играме натпревар, целта е да победиме. Што всушност ќе се случи е сосема друга работа. За мене целта е секогаш иста“, изјави Лука.
Неговиот Далас имаше интересна молба ова лето – да се ослободи од вишокот килограми во текот на летото.
„Оваа година се чувствувам подобро. Тоа може да се види. Ме бркаше Анже Мачек (фитнес тренер), пофалете го“, истакна Дончиќ и додаде:
„Акциите со репрезентацијата во текот на летото не ги гледам како подготовки за новата сезона. Уживам што сум со репрезентацијата. Момците и јас добро се забавуваме овде, се разбираме. Убаво е да се игра за репрезентацијата“.
Словенија на Мундијалот ќе игра во група со Грузија, Венецуела и Зеленортските Острови.