Германската полиција пребарува шумска област во јужен Берлин каде наводно се крие побегната лавица, за која никој со сигурност не може да каже од каде потекнува, бидејќи и зоолошките и циркусите тврдат дека не е нивна.
Жителите на областите Клајнман, Телтов и Стансдорф беа предупредени да не ги напуштаат своите домови и да не ги пуштаат своите миленици надвор. Во лов на лавицата вчера беа ангажирани стотици војници кои ја бараа со дронови, хеликоптери и оклопни возила.
Тимови од овој тип најчесто се користат во антитерористички операции, што покажува колку сериозно германската полиција ја сфаќа мисијата за пронаоѓање на побегната лавица.
Ловот на лавицата започна во раните утрински часови во областа Клајнмахнов, откако жителите забележале животно кое наликува на лавица, пишува „Тајмс“.
Германскиот таблоид „Билд“ користел гео-софтвер за прецизно да го одреди местото каде што беше пријавено дека е видена лавицата и тврди дека е оддалечена само 30 метри од станбена зграда. Двајца пожарникари и вчера попладне пријавиле дека ја забележале лавицата, информираат од полицијата.
Полицијата забрани рекреација во шума, бидејќи потрагата е во тек и не е безбедно. Во потрагата се придружија и професионални ловци и ветеринари, вооружени со пушки и пиштоли за шок, во обид безбедно да ја фатат лавицата – за која се верува дека е приватно милениче.