Украинската армија објави видео на кое, како што објаснија, се гледа воена акција на украинските сили на реката Днепар.
Со помош на брзи чамци и беспилотни летала, Украинците, како што велат, нападнале речен остров кој претходно бил под контрола на Русите. Тие, објаснуваат Украинците на видеото, им направиле многу проблеми и решиле да започнат операција за заземање на островот.
На снимката од беспилотни летала се гледа како војници, најверојатно Руси, бегаат од своите позиции. Украинците соопштија дека во акцијата загинале тројца руски војници, а петмина се ранети. Тие рекоа и дека е уништен еден непријателски брод.
Украинските медиуми објавија дека неименуваниот остров се наоѓа во регионот Херсон.
„По извршеното воздушно извидување на еден од островите на реката Днепар, откриени се непријателски позиции и непознат објект, што значително ја отежна операцијата на воздушното извидување на одбранбените сили“, објави Командата на Фејсбук.
„Донесена е одлука да се нападне, а потоа да се преземе контролата врз споменатиот округ“, соопшти украинската војска.