Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски е номиниран за награда во категоријата на долгометражни документарни филмови прикажани на BAFF фестивалот што се одржува во Њујорк од 19 до 25 мај 2023 година.
Њујоршката премиера на „Љубовната соба“ кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, Сузи Кју Продукција и Аворд Филм и Видео се одржа на 22-ри мај во 20.30 часот во рамки на Биг Епл Филм Фестивал, во познатото кино Cinema Village, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ.
Пред њујоркшката публика која ја сочинуваат и претставници на македонската дијаспора која живее и работи во Њујорк и претставници на дипломатскиот кор, режисерката и продуцент Сузана Диневски во делот предвиден за „Прашања и одговори”, ja презентираше реализацијата и идејата за филмот што раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Номинацијата на „Љубовната соба“ на BAFF, е само потврда за неговиот квалитет во конкуренцијата на долгометражни филмови селектирани од целиот свет како дел од BAFF – Њујорк што се смета за еден од најдобрите 25 филмски фестивали според списанието MovieMaking, за промовирање на најоргинални филмови од независната светска филмска продукција.
„Љубовната соба“ минатата година во март 2022 ја доби наградата на ,,Агора Докс”, на фестивалот за документарен филм во Солун, Грција а имаше и две меѓународни премиери во текот на март 2023: на филмскиот фестивал во Финекс, Аризона во САД во категорија на светски долгометражни филмови и на Загребдокс во официјалната селекција на регионална конкуренција.