Воената парада по повод 78-годишнината од победата над фашизмот традиционално ќе се одржи денеска на Црвениот плоштад во Москва, јавуваат светските медиуми.
Предвидено е претседателот Владимир Путин да зборува на почетокот на парадата. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека на парадата во Москва ќе учествуваат повеќе од 10.000 војници и офицери, како и 125 единици со воена опрема.
На парадата, според најавите на медиумите во светот ќе присуствуваат рускиот претседател Владимир Путин, како и лидерите на Белорусија, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Ерменија и Казахстан.
Претходно, прес-секретарот на претседателот Дмитриј Песков изјави дека Путин како и секоја година ќе одржи говор и покрај неодамнешниот напад со беспилотни летала врз Кремљ.
Со парадата традиционално командува врховниот командант на Армијата, а домаќин на парадата е министерот за одбрана.
Низ плоштадот ќе продефилираат единици на вооружените сили на Руската Федерација, единиците на Националната гарда, Федералната служба за безбедност, Министерството за вонредни ситуации и други структури.
Познато е дека на парадата, како и пред една година, ќе присуствуваат единици вклучени во руската воена операција во Украина, пренесува РИА Новости.
Претстојната 78-годишнина од победата во Големата патриотска војна ќе се слави во сите руски региони, пренесе агенцијата ТАСС.
Рускиот претседател упати честитки по повод Денот на победата до лидерите на Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан, Абхазија, Јужна Осетија, народите на Грузија и Молдавија.