Социјалните мрежи, според српските медиуми, вријат од коментари во врска со масакрот што се случи денеска во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар во Белград, каде што 14-годишното момче К.К. уби девет лица – осум ученици и чувар на тоа училиште – и рани шест ученици и еден наставник. Пишуваат дека додека огромното мнозинство луѓе емотивно го коментираат незапамтениот хорор, има и такви за кои убиецот е херој.
Недостаток на емпатија, чиста грубост, нешто друго или сето тоа заедно, само во нашето општество има деца на кои сето ова им е смешно и забавно, стои во написите на српските медиуми. Што е уште полошо, како што анализираат, се споделуваат коментари на социјалните мрежи без трошка срам, па дури и сочувство за семејствата на жртвите, величајќи го момчето кое денес остави многу семејства во црно.
Еден од пријателите на момчето-убиец до неговата фотографија напишал „крал“, а додал и три емотикони на кралска круна и неколку пиштоли. Веста за масакрот, како што пишувааат медиумите од соседството, за некои е толку добра што на трагедија правеле несолени шеги во гејмерски стил, со сите коментари „мега убиец“, „крал“ и слично.
На ваквите реакции укажа и српскиот претседател Александар Вучиќ во денешното вонредно обраќање до нацијата по повод масакрот во училиштето.
„Кога ќе ја погледнете шемата што ја нацртало момчето, ќе видите дека играл некаква игра. Гледате дека не се кае, дека не разбира што направил, бидејќи мислеше дека за еден дел од нив стана херој на социјалните мрежи. Од прогонувано момче сега е задоволен бидејќи стана херој“, изјави Вучиќ.
Инаку утрово во Белград 14-годишникот К.К. дошол во училиштето и прво пукал во чуварот, потоа кон три девојчиња кои биле во ходникот, а потоа влегол во кабинетот по историја.
Прво пукал во учителката и ја ранил, а потоа учениците скокнале врз него за да го спречат да ги убие сите.
Во таа училница, сепак, убил пет ученици.
Со себе имал два пиштоли и четири молотови коктели. Полицијата го пронашла во училишниот двор, каде што бил фатен.
Пред училиштето набрзо се собраа голем број родители чии деца го посетуваат училиштето.