СДСМ и ДУИ, покрај за системското решение со кое ќе се намалат енормно зголемените плати на функционерите, може да сметаат на поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и за моделот за една изборна единица. Пратеникот Антонијо Милошоски денес рече дека освен тоа што ќе го поддржат, подготвени се и да учествуваат во утврдување на конечниот текст за една изборна единица.
„Владата на СДСМ и ДУИ седум години ги манипулира и јавноста и помалите политички партии за менување на моделот во една изборна единица како подемократски изборен модел. Втората манипулација беше дека ВМРО-ДПМНЕ сака да го попречи ваквото менување на изборниот модел. Ние уште пред две години кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ прифаќа изборен модел со една изборна единица. Тоа ќе донесе еднаквост на гласот во секоја општина и на цела територија на Македонија. Ја повикуваме власта да излезе со вакво решение. Доколку власта излезе со решение за една изборна единица ние ќе ја поддржиме и ќе го дадеме нашиот придонес во утврдувањето на конечниот текст“, рече Милошоски.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи, но нема да учествува во процесот доколку власта предложи несуштински, мали измени по забелешките од ОБСЕ и ОДИХР. Милошоски вели дека тие нема да учествуваат за да не им дадат политички легитимитет.