Претседателот Стево Пендаровски има свој претставник од Кабинетот кој учествува во работната група за уставните измени.
„Јас учествувам преку мој претставник и со тоа јасно го кажувам мојот политички став, дека сум за тие уставни измени, сметам дека тие не се нешто страшно и сметам дека државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите, заедно со другите шест, седум народи“, рече Пендаровски.
Претседателот не знае колку седници ќе бидат потребни, но оцени дека е добро што почнува постапката и што ќе се одвива пред очите на јавноста, без скриени агенди.
Министерството за правда минатата недела го објави и тимот експерти кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени. Од Министерството велат дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Опозициските партии, одбиваат да учествуваат во работната група.
Вчера, Бугарите од Македонија со писмо до премиерот Димитар Ковачевски предложија да бидат вклучат и нивни претставници во работната група за уставните измени.