Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Преку отворен дијалог до македонски модел на уставни измени и забрзана евроинтеграција

Ковачевски: Преку отворен дијалог до македонски модел на уставни измени и забрзана евроинтеграција

„Во согласност со нашиот закон и Уставот, уставните измени се структуриран процес во кој работата почнува преку работа на работна група на експертско ниво, а во која работна група ќе бидат вклучени и претставници на политичките партии.

dobivaj vesti na viber

Министерството за правда веќе упати покана до политичките партии да делегираат свои претставници во работната група во која се поканети и врвните експерти по уставно право во државата и каде што ќе бидат изработени уставните амандмани.

Потоа дискусијата ќе биде ставена, односно материјалот што тие ќе го изработат ќе биде ставен на расправа во општеството, со оглед на тоа дека треба да се запознаат академската заедница, деловната заедница, невладините организации, граѓаните преку медиумите и нормално преку собраниска процедура за која е потребно двотретинско мнозинство“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, кој е во официјална посета на земјата, одговарајќи на новинарско прашање дали за Владата е прифатлив предлогот на опозицијата уставните измени да се направат по хрватски терк.

Премиерот Ковачевски нагласи дека разни партии предлагаат разни модели поради што е потребно за ова прашање да се дискутира на експертско ниво за да се изработи предлог што одговара на македонското општество и кој одговара на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја членка на ЕУ.

„Јас не кажав ниту дали сум за нешто ‘за’ ниту дали сум за нешто ‘против’. Јас сум за тоа да донесеме уставни измени со кои ќе ги отвориме кластерите по ноември и до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ, со заштитен македонски јазик, со македонски идентитет и со македонска култура, која ќе ја збогати културата на ЕУ и на сите европски народи“, рече премиерот Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.

Тој потенцира дека обврска на сите политички партии е исто како што било обврска на сите политички партии во Хрватска кога таа пристапувала во ЕУ – да ги поддржат стратешките одлуки на државата и тие да не станат предмет на дневнополитичка борба.

„За дневно олитичка борба постојат други прашања, на кои може да се разговара со политичарите, со опозицијата, меѓу опозициските партнери, меѓутоа ова се важни одлуки за иднината на сегашните и идните генерации, кои сакаат подобар животен стандард, сакаат врвни демократски институции, сакаат функционални услуги во своите држави, а тоа се добива кога државата ќе ги воспостави критериумите, практиките и процедурите и законите во согласност со европското законодавство и нивното функционирање на начин како тие функционираат во ЕУ.

И ќе повторам, македонските граѓани сакаат да живеат во ЕУ, ама сакаат да живеат во ЕУ дома, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во држави што се членки на ЕУ“, изјави премиерот.

Во однос на новинарското прашање за евентуална средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, за уставните измени, премиерот Ковачевски појасни дека веќе се одржала лидерска средба во декември на негова иницијатива, на која биле повикани сите претседатели на парламентарните политички партии, а на која, меѓу другото, се разговарало за усогласувањето во однос на потребата за уставни измени со цел продолжување на европските интеграции на државата.

„На таа лидерска средба сите лидери на политичките партии се сложија за потребата од носење уставни измени, освен еден, кој молчеше, и двајца, кои не дојдоа.

Затоа сметам дека нема потреба од лидерска средба со оглед на тоа дека ставовите се познати. Лидерска средба не е институционален формат за носење конкретни решенија, туку тоа е формат на кој секој ги кажува своите политички ставови во однос на одредено прашање“, рече премиерот Ковачевски.

Тој додаде: „Во однос на тоа да се води дебата за уставните измени, таа дебата е структурирана, значи за уставни измени дебата не се води на телевизија, не се води кога се пуштаат градежни работи на канализациски цевки во одредени општини.

Дебата за уставни измени се води во експертска работна група, каде што секоја политичка партија делегира свои претставници и каде што врз основа на уставно право и врз основа на она што е пропишано, се дефинираат амандмани, кои потоа се ставаат на јавна расправа“, коментира премиерот Ковачевски.

Можете да прочитате

Во мојот случај со канцер, станува збор за лекарска грешка, сведочи онколошка пациентка во подкаст ЗРАК

(Видео) Подкаст ЗРАК: Секоја борба со канцерот е индивидуална и различа

Работна посета на Муцунски во Вашингтон, САД – продлабочување на билатералната соработка и привлекување нови инвестиции во фокусот на посетата