Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси на крајот на сезоната ќе го напушти ПСЖ, пишува француски „Лекип“.
Престижниот француски дневен весник пишува дека дветс страни не постигнале договор за продолжување на соработката што значи дека Меси ќе си замине како слободен играч.
Сепак, „Лекип“, истакнува дека постои една опција која би го задржала Аргентинецот на „Паркот на принцовите“, а тоа е да се согласи на значително намалување на платата.
Меси дојде во ПСЖ во 2021 година од Барселона, потпиша договор на две години, со опција за продолжување на соработката, но таа клаузула во договорот нема да биде активирана.
ПСЖ тогаш му гарантираше на Меси 78 милиони евра, доколку остане и трета сезона, како и бонус од 115 милиони, доколку потоа реши да остане до 2025 година.
Сепак, ПСЖ мора да го намали буџетот за плати, а во таа ситуација Аргентинецот треба да се согласи неговата плата да биде намалена за една четвртина, што тешко се очекува да се случи.
Меси имаше фантастичен почеток на оваа сезона, но пред се беше целосно посветен на освојување на Светското првенство со Аргентина.
По завршувањето на Светското првенство, тој не игра за ПСЖ ни приближно на нивото на кое беше минатата есен.
Затоа навивачите во последните недели редовно го исвиркуваат, што се случи и минатиот викенд, откако се појавија шпекулации за неговата желба да се врати во Барселона.
Оваа сезона Меси постигна 18 гола со 17 асистенции на 33 натпревари за ПСЖ. Откако се врати од Катар, на 14 натпревари има учинок од шест гола и три асистенции.
Во меѓувреме, ПСЖ беше елиминиран од Лигата на шампионите.