Обдукцијата на телото на петгодишната Јана Христовска, ќе треба да го дадат одговорот од што починало девојчето во битолската болница каде било однесено во дехидрирана состојба. Од Обвинителството посочуваат дека се испитуваат и лица, меѓу кои докторите и родителите, а поврзано со тоа што претходело на смртта.
„Обдукцискиот наод се уште не е пристигнат. Во меѓувреме се преземаат и други дејствија и се врши распит на лица со цел да се испитаат сите околности. Откако ќе бидат извршени сите проверки, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори, констатирале дека на девојчето му била дадена глукоза заедно со фисиолошки раствор – но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите кои го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и татко ѝ за „Макфакс“. Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.