Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговиот тим се задоволни од медиумското внимание што тој го доби поради можното апсење и поведување обвинение, но неговото семејство не е возбудено, особено неговата сопруга Меланија.
Според таблоидот „Пејџ сикс“, Меланија сака да биде подалеку од тоа и да го заштити својот син Барон, пишува „Њујорк пост“.
„Таа се однесува како сè да е нормално“, рекол изворот. Се додава и дека ќерката на Трамп, Иванка, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер исто така се воздржани по ова прашање.
„Тие стојат настрана. Мислам дека нема да видите како го бранат, нема да има коментари. Иванка изгуби многу пријатели и бројот на покани за социјални настани ѝ се намали додека Трамп беше претседател“, изјави неименуваниот извор.
Потенцијалното апсење и поведување обвинение на Трамп произлегуваат од тековната истрага на окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Брег, за наводните замолчени пари исплатени на порноѕвездата Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година.
Извор рече дека Трамп ужива да биде повторно во вестите и во центарот на вниманието и верува дека нашминканото обвинение ќе му помогне во неговата кампања.