Пресудата за ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за предметот „Титаник 2“, патуваше 43 дена од Кривичен суд до Апелација. Сега второстепениот суд е исправен пред предизвикот за 27 дена да изрече правосилна одлука или во спротивно Мијалков ќе си добие слобода поради тоа што му застарува делото за кое се гони. Предметот е доставен и до Вишото обвинителство-Скопје, кое треба да го врати предметот, по што ќе се одлучува.
Во 27 дена, период по кој Мијалков може да се спаси од одговорност, Апелација треба да добие одговор од Вишото обвинителство-Скопје, по барање на странките да одржи јавна расправа, па да донесе пресуда. Мијалков се гони за изборни нерегуларности на изборите во 2013 година, дело кое застарува по 10 години односно во 2023 година.
За овој предмет двапати се изрекува пресуда. Првата беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.