Лионел Меси нема да тргне по патот на Кристијано Роналдо и нема да го напушти европскиот фудбал, тврди „Мундо Депортиво“. Меси има договор со ПСЖ до крајот на сезоната и сѐ уште не одлучил каде ќе игра следната сезона.
Аргентинската ѕвезда која на 24 јуни ќе го прослави својот 36. роденден, втора година по ред со ПСЖ беше елиминиран од Лигата на шампионите, но парискиот клуб и понатаму е неговиот прв избор за продолжување на кариерата.
„Постојано има гласини дека тој ќе замине во Интер Мајами, Саудиска Арабија или ќе се врати во Аргентина и ќе игра за Њуелс Олд Бојс. Сепак, ништо од тоа нема да се случи. Меси останува во Европа”, тврди „Мундо Депортиво“.
Меси сѐ уште се поврзува со враќање во Барселона, но тоа ќе биде тешко да се оствари.
„Економската ситуација во клубот сè уште стои на патот за неговото враќање. Интересно е и тоа што година и пол немаше контакт меѓу Меси и претседателот на Барселона, Жоан Лапорта“, наведуваат Каталонците.
„Мундо Депортиво“ истакнува дека не е исклучено Меси, доколку заглават преговорите со ПСЖ, да оди во Премиерлигата или дури и во Серија А.