Премиерот Димитар Ковачевски не негира дека потрошил 26.000 евра на спонзорирање објави на социјалните мрежи во последните 100 дена. Тој на прес-конфернеција го правдаше ваквиот чекор, наметнувајќи ја тезата дека тоа е начин за современа комуникација со јавноста. Ковачевски посочи дека овие средства не се платени од буџетот. Не одговори зошто во видеата главен фокус е тој, наместо политиките, ниту дали е транспарентност кога јавноста гледа како тој дели пакетчиња на коледарите и му пејат песни.
„Не сметам дека се прави било што погрешно. Сметам дека дел од мојата работа и дел од работата на тимот кој работи на комуникацијата на тоа што јас го работам е исто така транспарентноста. И да ги информира граѓаните што работат избраните и именувани функционери во однос на прашањата кои ги засегаат граѓаните. Дилемата која вие ја поставувате е дали таа комуникација треба да се прави преку билборди, преку видеа, преку други канали. Тоа е веројатно дилемата која ја имате. Јас и ние кои работиме во комуникацискиот тим, сметаме дека во денешно време, ако сакате да прикажете нешто на јавноста, ова е начинот ан кој тоа се прави, а со оглед на современите трендови и потреби на граѓаните за добивање информации. Важно е да се каже дека премиерот на државата оди во Минхен на безбедносна конференција каде се сретнува со светските лидери. Изборот е пак дали тоа да се направи преку соопштение, прашање е колку денес се читаат соопштенија или се гледаат видеа или други презентации на социјалните медиуми. И дали ќе користите методи на комуникација стари и по 150 години или од поново време, адаптирани на публиката. На крајот важна е транспарентноста, се е транспарентно“, кажа Ковачевски.
Според него, ако на граѓаните им пречи што тој прави видеа и ги спонзорира за 26.000 евра кои ги троши во 100 дена, тоа ќе го кажат на избори.
„Ако граѓаните не го сакаат тој вид комуникација тоа ќе го искажат при избори. Јас спроведувам социјалдемократски политики. Ниту еден денар од комуникацијата на мојот профил, не е од буџетски средства, ниту пак некој вработен во Секторот за комуникации при Владата за да сработува комуникација. Денеска подготвувањето на видеа и анимации се прави преку најразлични комуникации. Нивната изработка е поедноставна од минатото“, додаде тој.