Ограничувањето на цената на лебот на 33 денари ќе важи до 31 мај. Ова го соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој пред новинарите објаснуваше колкави биле цените на горивата, струјата, брашното, кои влијаат на крајната цена на лебот. Со ова ја правдаше одлуката донесена од Владата. Според него, максималната цена за 450 грама бел леб треба да биде 32 денара. Бектеши додаде дека во одредени градови има цени и пониски од 32 денара. Тој ги повика пекарите да разговараат за да се најде соодветно решение преку одржливи одлуки.
„Проверено е од сите институции, а претседателот на групацијата, еден од двајцата, како сопственик на една од најголемите компании што произведува леб, има цена под 33 денари моментно на белиот и на полубелиот леб. Тоа е утврдено од проверките на Државниот пазарен инспекторат. Затоа, да не создаваме хистерија дека не знам што ќе се направи“, додаде Бектеши.
Според него, цените на лебот биле и по 28 денари во одделни градови.
„Цените на белиот и на полубелиот леб се движат од 28 денари, до над 40, па и до 45 денари, во зависност од производителите. Ако е логично да има толку голема разлика во производството на одреден леб, зборуваме само за два вида леб од големата понуда, значи ние мислиме дека не е во ред. Секако дека тоа што е поддршка од страна на Владата треба да им се врати на граѓаните и на потрошувачите“, рече Бектеши.
Тој направи и споредба на цените од ноември до февруари.
„Ако во октомври и ноември, цената на горивата како импут за цената на производството, ќе го земам дизелот кога беше 99,55 денари, и во ноември кога беше просекот, беше 93 денари, денеска или во текот на јануари просечна цена е 87,88 денари и има најави за намалување. Природниот гас, кој одредени големи производители го користат како енергент за производство на леб, особено за Скопје, во октомври бил 134,9 за мегават-час, во ноември – 116,82 евра за мегават-час, во јануари – 56,55 евра за мегават-час, во февруари бил 51,61 евро за мегават-час. И сега секој може да ги направи процените за тоа колку процентуално се намалени цените во делот на енергентите. Во делот на субвенционираната електрична енергија, просечната цена според ‘Хупекс’ (референтна берза) за октомври е 193,94 евра. За ноември е 222,4 евра, за декември е 261,15 евро, а сите добија повластена цена од 80 евра. Во јануари е 148,69 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час. И февруари е 145.99 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час. Цените се без трошок за пренос и дистрибуција, што значи дека се минимум 20 отсто повисоки од графиконот. А сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час“, изјави Бектеши.
Потоа посочи дека и брашното е поевтинето.
„Брашното во нашата држава во големопродажба е со просечна цена за октомври-ноември 30 денари за килограм. Просечната цена за јануари-февруари е 28 денари за килограм. Цената се движи од 26 до 28 денари“, рече Бектеши.
„Пред целата јавност сакам таксативно да ја прочитам одлуката. Најдоцна до утре ќе се објави во ‘Службен весник’“, појасни Бектеши, па ја цитира одлуката: „Со оваа одлука се определуваат највисоки цени во трговијата на мало со бел и со полубел леб, сечен на парчиња или цел. Највисоките цени од ставот 1 на овој член се утврдуваат во висина на цената, која изнесува 33 денари за леб со тежина од 450 грама и повеќе, а со тежина под 450 грама се утврдува во висина до 33 денари за леб, цена во сооднос со лебот“.