Со скандирање „Сакаме лек, не комодитет “ и „Трикафта за сите“ пациентите со цистична фиброза и нивните семејства денес напладне пред Влада побараа власта да побрза со одлуките и лек да обезбеди за сите болни. Дел од нив преку транспаренти „Сакаме Македонија да се гордее со нас, само дајте ни шанса“, „Бидете ни сојузници во животот“ и ред други, членовите на Асоцијацијата за цистична фиброза порачаа дека нема повеќе да молчат и да веруваат на ветувања.
„Разберете не, бидете дел од нашата борба, побрзајте со вашите одлуки и вашите промени затоа што ние немаме време за чекање. Веќе не се потпираме на празни зборови и нема да чекаме“, рекоа од Асоцијацијата.
Пациентите со цистична фиброза се разочараа по вчерашната изјава на министерот за здравство Беким Сали дека современиот лек ќе биде обезбеден прво за 8 од вкупно 130 болни и им порачаа на сите кои одлучуваат за набавката на овој лек да се обидат да дишат преку цевка за да сфатат колку е итна состојбата.
Министерот Сали најави дека ќе иницира законски измени со кои ќе се овозможи набавката на овој лек и за кои се надева ќе добие поддршка во Собранието.