На местото од дивата депонија која постоеше, на 7500 квадратни метри Општина Кисела Вода, гради модерен спортско-рекреативен центар, кој ќе ја збогати рекреативната содржина и обемот на зелените површини во овој дел на градот, изјави градоначалникот Орце Георгиевски, кој денеска изврши увид во градежните активности на локацијата позната како Оксиген.
Покрај бројните содржини за одмор и рекреација, тука ќе има и фитнес зона и фудбалско и игралиште за баскет, а центарот, ќе носи и ново име, името на загинатиот бранител од втората пешадиска бригада, Теодор Стојановски-Тоше, кој потекнува токму од Драчево.
-Се наоѓаме во селото Драчево, на местото викано Оксиген, поранешна култна локација, а потоа со децении оставено на забот на времето, што резултираше со нејзино прераснување во дива депонија. Како што забележувате, наместо досегашниот наталожен отпад и непријатна глетка, тука се одвиваат градежни активности за изградба на модерен спортско-рекреативен центар. Тој ќе ја збогати рекреативната содржина на општината и обемот на зелените површини во градот. Како достојно место за одмор и рекреативно спортување, новиот простор ќе нуди бројни содржини распоредени на околу 7500 квадратни метри. Детското катче, пешачките патеки, скверот, летниковците, надополнети со фонтани, урбана опрема и многу зеленило кое ќе се одржува преку систем за самонаводнување ќе го направат ова место привлечно за сите. Спортскот дух, пак, ќе може да се развива на новите современи спортските игралишта за фудбал, за баскет кои ќе бидат осветлени, а поставуваме и фитнес справи. И финално, овој комплекс кој очекуваме да биде новото збирно место за сите наши жители, но најмногу на оние кои живеат во околината, односно во Драчево, се одлучивме тој да носи и ново име и тоа да биде името на загинатиот бранител од втората пешадиска бригада, Теодор Стојановски-Тоше, кој потекнува токму од Драчево. Воедно, во паркот ќе биде поставена и неговата биста. Децениската негрижа и ерата на празни ветувања завршуваат и тоа најдобро се гледа преку реализацијата на вакви проекти, а ние како Општина, како локална самоуправа, имаме сериозен план да созададеме нов подобар лик на местото во кое живееме и еден нов систем на вредности во кој најважна ќе биде довербата и почитувањето на дадениот збор-изјави градоначлникот Ѓорѓиевски.