Перуанските власти го затворија Мачу Пикчу, светиот град на Инките и евакуираа повеќе од 400 туристи кои беа блокирани во подножјето на планината поради немирите во таа земја.
„418 национални и странски туристи беа превезени од селото Мачу Пикчу во Куско“, објави Министерството за туризам на Твитер.
Туристите беа блокирани со денови бидејќи демонстрантите ја оштетија железничката пруга.
Во саботата наутро, властите објавија „затворање на целата мрежа на патеки на Инките и цитаделата на врвот на Мачу Пикчу поради ситуацијата и безбедноста на посетителите“, објави Министерството за култура.
Во декември 300 туристи беа блокирани во Мачу Пикчу, а потоа беа превезени со специјален воз во кој имаше работници кои ја поправаа пругата, а беа чувани од припадници на безбедносните сили. Туризмот е од витално значење за економијата и работните места на Перу.
Според информациите на медиумите во светот голем број на лица се повредени во протестите против претседателот. Демонстрантите бараат оставка и распуштање на парламентот. Европската унија го осуди насилството и „несразмерната“ полициска употреба на сила.