Цементарницата „Усје“ АД Скопје целосно ги отфрла неоснованите обвинувања, чија цел е дефокусирање на јавноста. За жал, ваквиот однос не води кон решавање на отворените прашања.
Во интерес на точно и вистинито информирање уште еднаш повторуваме дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3 и 4 јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во цементарницата „Усје“ се пониски од дозволените гранични вредности. Производниот процес во цементарницата „Усје“ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди, а производството автоматски запира доколку филтрите не работат.
Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребуваше мазут, што е дозволен енергент во согласност со А-интегрираната еколошка дозвола. При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Оттука, неосновано е врз основа на еден параметар, каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти.
Во меѓувреме, компанијата веднаш ги имплементира препораките на Инспекторатот и направи замена на енергентот со природен гас. За разлика од „Усје“, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења.
Покрај тоа, мерењата направени на 3 и 4 јануари 2023 во кругот на цементарница „Усје“ уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на цементарницата и квалитетот на амбиенталниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на ПМ 10-честичките во амбиенталниот воздух измерена во цементарницата „Усје“ е дури и помала од други мерни места во градот Скопје и во другите градови во земјата.
Целосна невистина е дека „Усје“ со својата работа и претходно влијаел на загадувањето во главниот град. Тоа го потврдуваат сите наши извештаи, кои се доставувани до институциите, како и независните мерења од акредитирани лаборатории.
Со оглед на фактот дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации што не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе поведеме соодветна правна постапка пред надлежните органи.
ПР