Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на втората Конференција на министри за култура „Алијанса Баукултур“, истакна дека за неа „Баукултур“ е неопходност, а споделените искуства и заедничката акција се вистинскиот пат до добрите решенија.
– Во „Баукултур“ гледам силен мотив да иницирам формирање на Оддел за Баукултур во рамките на Министерството за култура и тоа да го реализираме во најкраток рок. Да биде оддел сѐ додека не изградиме култура на живеење која ќе биде задоволство да се живее, а не подвиг да се преживее – нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во дискусијата, која ја предводеше Алаин Берсет, претседател на Швајцарската Конфедерација, посочи дека излезот од економската криза и потрагата по евтина енергија има големо влијае врз културата на нашите животи, на културните навики, во промената и изгледот на нашите домови, но и на животната околина.
Во тој контекст министерката додаде дека Владата, соочена со сите предизвици од почетокот на оваа декада, не само што се бори за да се надминат кризите со што поблаги последици и врз стандардот на граѓаните и за опстанок на компаниите, туку и финансиски ги поттикнува и ги охрабрува иновативните решенија за општо добро.
-Владата ги повикува на партнерство јавниот и приватниот сектор, заедно со граѓанскиот сектор да реализираат продуктивна и транспарентна соработка. За оваа година, Владата издвои значителни средства за развивање на инфраструктурата, со должно внимание и кон инфраструктурата во руралните предели зашто здравите прехранбени продукти и здравата животна средина и за нас стануваат сѐ поголеми приоритети, еднакви на прашање за опстанок – рече Костадиновска-Стојчевска пред европските колеги во Давос.