Утрински Весник
Македонија

Министерот Спасовски и министерката Тренчевска на предновогодишна дружба со децата од јавните установи „25 Мај” и „11 Октомври”

Министерот Спасовски и министерката Тренчевска на предновогодишна дружба со децата од јавните установи „25 Мај” и „11 Октомври”

Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, со дел од раководството на МВР, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во Полицискиот центар Ѓорче Петров присуствуваа на предновогодишна дружба со децата штитеници на јавните установи „25 Мај“ и „11 Октомври“.

dobivaj vesti na viber

Денешниот настан беше замислен како заедничко дружење со припадниците на Одделот за специјални полициски операции (ОСПО), и тоа со припадниците на Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и Единицата за обука и поддршка – посебна единица за поддршка. Припадниците на Одделот за специјални полициски операции приредија забавни активности за децата во кругот на Полицискиот центар, им ги презентираа полициските возила и опремата со кои секојдневно работат и ги запознаа со своите дневни активности, а притоа како нивна долгогодишна традиција, покажувајќи ја и овој пат својата хуманост на дело, ги израдуваа децата со кондиторски производи од својата меренда со лично издвоени средства. Најголемото воодушевување и радост за децата и присутните беше моментот на слетување на хеликоптерот на Одделот за воздухопловни единици на МВР, со кој пристигна Дедо Мраз и се спушти со јаже за да им подели пригодни подароци.

Децата на заеднички ручек имаа можност да се запознаат и да поразговараат со министерот Спасовски и со министерката Тренчевска и по повод новогодишните празници, во знак на благодарност, им дадоа подароци изработени од своите вредни раце, а министрите во своите обраќања упатија новогодишни пораки до младите гости.

Министерот Спасовски ги поздрави децата и им посака добредојде во Полицискиот центар, при што ја истакна важноста за раководството на МВР да се покаже и да согледа хуманата димензија на полицијата како крунисување на високото ниво на доверба на граѓаните во полицијата. „Како Министерство за внатрешни работи ние сме секогаш тука за вас затоа што само заедно ќе бидеме силни да оствариме едно побезбедно и поубаво место за живеење и би ви порачал секогаш да го следите патот на чесноста, одговорноста и солидарноста бидејќи тоа е вистинскиот пат кон реализирање секаква цел и во оваа пригода ја изразувам нашата максимална поддршка за секого од вас“, рече министерот Спасовски посакувајќи им убави празнични мигови и среќна Нова 2023 година.

Покрај новогодишните подароци, министерот Оливер Спасовски за овој настан веќе традиционално неколку години наназад лично ги донира дневниците од службените патувања реализирани во 2022 година и на директорките на јавните установи „25 Мај“ и „11 Октомври“ им подари два вредносни ваучера, со кои ќе бидат купени два клима-уреди за потребите на децата.

Од страна на министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, беше истакнато дека и денешното предновогодишно дружење е во насока на тоа да се потврди дека никој не е сам и дека Владата и институциите се тука за сите граѓани.

„Како Министерство во чија надлежност е грижата за ранливите категории граѓани, во континуитет посветено работиме на политики и мерки што придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на сите. Децата и грижата за обезбедување топол дом за сите и услови за нивен правилен раст и развој е наш приоритет и сериозна обврска на која неуморно работиме“, истакна министерката Тренчевска, при што потсети дека промените со социјалната реформа и процесот на деинституционализација вродија со плод, со тоа што ниту едно дете не остана во институција.

Можете да прочитате

ДЗС и МВР во заедничка акција за извлекување на повреден планинар

Сашко Кедев го освои и Гашербрум, тој е првиот Македонец што ги искачи сите 14 врвови над 8 000

„Панили“ ја објави „Автобиографија“ од Марко Цепенков по повод 105-годишнината од неговото упокојување