„Ретроспективнат изложба – 30 години творештво“ на ликовниот уметник и универзитетски професор Нехат Беќири ќе биде поставена во објектот Чифте амам а на отворањето закажано за 22 декември 2022 (четврток), во 19 ч ќе се обрати директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.
Следејќи ја сопствената развојна ликовна насока, Нехат Беќири се вбројува во најактивните и најдоследните уметници кај нас. Основите на неговиот творечки развој од почетокот се согледуваат во определбата кон неограничените експресивни можности што ги нуди апстрактното сликарство, во кое доминираат бојата и потегот како базични и нераздвојни ентитети. И токму оваа генеричка синергија кај него секогаш резултира со различни и возбудливи дела, кои за првпат во интегрална форма од сите творечки фази, се претставуваат во Националната галерија.
Нарацијата во делата на Беќири ја осознаваме преку три основни елементи: линијата, бојата и симболиката. Вечната игра на бојата и линијата како носачи на значења, во нагласено индивидуалното сликарство на Нехат Беќири резултира во креирање на цели знаковни, апстрактно асоцијативни системи, секогаш одново и одново подложни на нови или, пак, проширени слоеви на (ре)интерпретации како директен израз на емоција.
Во сликите на Нехат Беќири се воочливи многу слоеви врз кои е изградена колективната меморија, нејзините мрачни тајни, но и нејзиниот развој и универзалните хуманистички вредности.
Нехат Беќири е роден во Тетово, дипломирал сликарство на Ликовната академија во Приштина во класата на проф. Муслим Мулиќи, каде и магистрирал, во 2001 г.
Работи како редовен професор по сликарство на Државниот универзитет во Тетово и предава на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Покрај дисциплината сликарство, работи и други медиуми, скулптура, инсталација. Неговите дела се наоѓаат во повеќе државни и приватни колекции во земјата и во странство.
Има реализирано над триесет самостојни изложби, учесник на бројни ликовни колонии, како и на голем број групни изложби.
Поставката во Чифте амам ќе биде композиција од изложени над стотина слики во техника акрил на платно од неговиот творечки опус, инсталации и графики.
Куратор на изложбата е Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија.