Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Охрид ја посети фабриката за производство на печурки Органска Буковка ДОО. Оваа компанија со користење на успешни владини мерки и средства од Фондот за иновации и развој успеа да развие целосно нов иновативен производ, но и да обезбеди целосно покривање со електрична енергија од фотонапонска централа инсталирана исто така со средства од ФИТР. Оваа компанија има инсталирано фотонапонска централа од 30 киловати со кои сега во услови на силна енергетска криза целосно ја покриваат потребата од електрична енергија на производството кое е 100% зависно од струја, односно е голем потрошувач.
„Сакам да ги повикам производствените компании да инвестираат во сопствени фотонапонски централи со кои долгорочно ќе си ги намалат сметките за струја а со тоа и производствените трошоци. Обновливите извори на енергија се нашата иднина. Ние како земја имаме ресурси, имаме сонце, вода, плодна почва. Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска независност, но и да го снабдуваме регионот со струја од обновливи избори.Како Влада силно сме посветени на долгорочниот правец на државата за енергетска трансформација. Затоа и резултатите се видливи. Само во мојот мандат, во мандатот од оваа Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата”, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека веќе се градат и фотонапонски централи по пат на Јавно приватно партнерство со турски и бугарски инвеститори со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати. Неодамна почна со работа најголемата фотонапонска централа со капацитет од 17 МW, изградена од страна на компанијата од Словенија („Ген-И“). Овој проект е доделен врз основа на првите транспарентни постапки за премиум тарифи кој е спроведен токму од оваа Влада.
Ковачевски наведе дека сме лидери во регионот во енергетска трансформација со огромен потенцијал да станеме зелен енергетски центар на Европа!
“Ги охрабрувам компаниите во земјава да го следат овој позитивен пример, и да ги следат сите економски политики и донесени мерки од Владата. Благодарение на користењето на дел од тие мерки преку Министерството за економија и преку Развојната банка на Северна Македонија, како што се субвенционирање на плати, или пак бескаматни финансиски средства, оваа фабрика успеала да го задржи континуитетот на работење, но и да се развива”, изјави Ковачевски.