
И покрај инвестиции од стотици милијарди долари, глобалниот пазар би можел да остане во дефицит до 2043 година
Забрзаната електрификација на транспортот и растечките потреби на индустријата ја зголемуваат зависноста на светската економија од бакарот. Но, производството на овој метал можеби нема да може да го следи темпото на побарувачката, предупредува BloombergNEF во својот последен извештај.
За да се избегне иден шок во снабдувањето, потребни се инвестиции од приближно 332 милијарди долари во нови рударски капацитети. Се проценува дека побарувачката за бакар за потребите на електрификацијата ќе порасне за 89% до 2050 година, достигнувајќи 23,3 милиони тони.
Најголемиот предизвик е времето. Развојот на нов рудник во просек трае околу 17 години, што значи дека новите проекти не можат веднаш да одговорат на растечките потреби. Според проценките, недостигот би можел да продолжи најмалку до 2043 година, дури и доколку се обезбедат неопходните инвестиции.
Пазарот на бакар се очекува да влезе во дефицит во 2028 година. Истовремено, електричниот транспорт станува најбрзорастечкиот сегмент на потрошувачка на бакар, бидејќи секое зголемување на бројот на електрични автомобили, камиони и автобуси носи дополнителна потреба од метал за нивните мотори, батерии, инвертори, кабли и полначи.
Побарувачката ќе продолжи да доаѓа и од традиционалните сектори, како градежништвото и индустриското производство, додека центрите за податоци, и покрај нивниот развој, според извештајот претставуваат само мал дел од вкупната потреба за бакар.
Глобалните проекции отвораат важно прашање за иднината на рударството: без навремени инвестиции и развој на нови наоѓалишта, обезбедувањето доволни количества бакар може да стане сериозна пречка за индустрискиот развој и енергетската транзиција.
Во Македонија единствена нова инвестиција за бакар е во рудник во Иловица, чија првична тежина изнесува околу 350 милиони евра. Оваа инвестиција се уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за геолошки истражувања на наоѓалиштето, издадена во 2004 година. Подоцнежните истражувања покажаа дека е возможно просечно годишно производство до 16 илјади тони бакар, со животен век на рудникот од околу 23 години. Претходно и во анализа на професори од Универзитетот во Штип беше нагласено дека порфириското наоѓалиште на бакар „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект во Македонија.
Инаку, според аналитичарите, на светско ниво веројатно има доволно бакар под земја, но новите рудници и проширувањето на постојните не напредуваат доволно брзо за да го компензираат намалениот принос од постојните наоѓалишта.
„Тешкотиите со кои се соочува рударството во зголемувањето на производството се главната тема во еден многу, многу тесен пазар. Веќе се намалуваат проценките во постојните рудници. Станува збор за истрошени, многу стари наоѓалишта и недостаток на развој на нови ископи за снабдувања на пазарот“, изјави Еви Хамбро, глобален раководител за тематски и секторски инвестиции во BlackRock Inc., во интервју за Bloomberg.
Се очекува намалувањето на концентратот на бакар во ископаната руда да ги зголеми трошоците за производство, а рециклирањето да не биде доволно за да го компензира понискиот принос од примарните извори. Од друга страна, високата електрична спроводливост и издржливоста на бакарот отежнуваат тој да биде заменет со други метали.
Ваквата состојба со критичните суровини, каков што е и бакарот, која силно ќе влијае на економиите, а со тоа и на националната безбедност, го крена црвениот аларм во Германија. Канцеларот Фридрих Мерц, минатата недела на самит за енергетика, посочи дека Европа мора да создаде залихи од критични суровини за да ја намали зависноста од земјите што доминираат во нивното ископување и преработка.
„Без критични суровини не би имало батерии, ниту електрични мотори со високи перформанси, ниту современи полупроводници, а ниту многу други технологии од кои ќе зависат нашите економии во иднина. Државите мора да помогнат во диверзификацијата на изворите на снабдување, да го зајакнат рециклирањето и циркуларната економија – ова е многу конкретен предлог што го изнесувам – Брисел да создаде залихи, на европско ниво“, истакна Мерц.
Како што потсети Ројтерс, Европската Унија, заедно со другите големи западни економии, во значителна мера зависи од Кина за критични минерали и компоненти, како што се батериите и ретките земни елементи, кои се користат во одбраната, воздухопловство и вселенска индустрија, автомобилската индустрија и обновливите извори на енергија.



