Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со европратеничката и лидерка на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез.
На состанокот е изразена јасна поддршка на напредокот на Македонија во евроинтеграциите и полноправно членство во Европската Унија.
„Почнувањето на преговорите на 19 јули годинава означува ново поглавје во нашиот европски пат и е јасен приказ за сите наши досегашни реформи и заложби како Влада да ја оствариме нашата стратешка цел, полноправното членство во ЕУ. По тешките и долги преговори со Бугарија, покажавме визија, лидерство и храброст и донесовме одлуки што ќе значат подобра иднина, подобар животен стандард за граѓаните, ќе значат можност, нашите деца, идните генерации да живеат во земја членка на ЕУ, но тука, дома, во нашата Северна Македонија.
Она што беше исклучително важно за нас во преговорите, а за кое успеавме да се избориме, е заштитата на македонскиот јазик и негово издигнување на еднакво рамниште со сите европски јазици, заштита на македонскиот идентитет, се изборивме за историските прашања да разговараат експерти историчари, а не политичари, и тоа во рамките на историската комисија. Сето ова го обезбедивме и ги почнавме преговорите и од тогаш до денес и ние и ЕУ ги исполнуваме нашите ветувања“, изјави Ковачевски.
Прв доказ за тоа исполнето ветување, рече Ковачевски, е потпишувањето на договорот за ФРОНТЕКС, кој е прв документ на кој имаме ставено потпис заедно со сите други 27 земји членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви додавки, ѕвездички и појаснувања.
„Со европратеничката разговаравме и за успешно почнатиот скрининг-процес и за нашата подготвеност тој да го завршиме бргу. Нашиот тим е подготвен, има експертиза, знаење и јас верувам дека ако продолжиме со ова темпо, скринингот ќе биде завршен за 14-ина месеци така како што и на почетокот планиравме.
Следниот чекор, секако, на нашиот европски пат ќе бидат уставните измени за кои очекувам сите 120 пратеници во македонското Собрание да покажат државништво и да донесат одлука што ќе значи напредок на нашиот европски пат. Навистина не беше лесно да се донесат одлуките кои во изминатите 5 години ги донесе Северна Македонија. Меѓутоа, кога пред вас имате тешка одлука, тогаш имате избор или да оставите да биде сè така како што било и да ја оставите земјата во стагнација и неизвесност или, пак, да донесете одлука со која ќе овозможите за идните генерации подобра иднина, тогаш правилната одлука е многу јасна.
Нашата цел е полноправно членство во ЕУ. Тоа е наградата на крајот на овој европски пат, кој знам дека нема да е лесен и со европратеничката разговаравме за тоа како течат преговорите, за реформите што треба да се прават и дека тоа е еден широк општествен процес на позитивна трансформација на општеството, со цел полноправно членство на државата во ЕУ. И обезбедување општество со подобро владеење на правото, со помалку корупција и со подобри плати за сите нејзини граѓани. И тој пат мора да се изоди затоа што ние немаме друга алтернатива. Европската Унија е нашиот единствен пат за нашата држава. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Едноставно, заради подобар живот“, рече Ковачевски.
Европратеничката и лидерка на пратеничката група на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Ираче Гарсија Перез, рече дека е тука да се поддржи динамиката во евроинтеграцискиот процес, дека Северна Македонија припаѓа на ЕУ, дека требаше лидерство да се донесат тешки одлуки, но дека тие вредат и порача да се стават националните интереси над партиските интереси.