
Бурна расправа, бројни приговори и реакции го одбележаа денешното продолжение на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во судницата во Идризово, Обвинителството го продолжи вкрстеното испитување на градежниот вештак Петре Русески, ангажиран од одбраната, барајќи одговори за бројот и функционалноста на излезите, можностите за евакуација и материјалите употребени во објектот.
Особено внимание предизвика расправата за трите врати во дискотеката и прашањето дали посетителите можеле да ги користат за евакуација во кобната ноќ на 16 март 2025 година.
Обвинителот Дарко Јакимовски побара од Русески да објасни дали трите влезови и излези биле функционални за евакуација, на што вештакот одговори дека таквата процена не е во негова надлежност.
„Реков дека имало три влезови и излези, но не за евакуација, тоа е прашање за вешто лице од противпожарна заштита“, изјави Русески.
Во текот на расправата се вмеша и првообвинетиот Дејан Јованов, кој од местото каде што седел довикна:
„Ако сакаш да знаеш, јас последен излегов низ таа врата!“
Прашањата за евакуацијата отворија дополнителна расправа за тоа кој бил надлежен да ја утврди безбедноста на објектот и дали условите за негово користење биле исполнети во моментот на пожарот.
Русески објасни дека при добивањето одобрение за градење требало да биде приложен и елаборат за заштита од пожари, но нагласи дека контролата на противпожарните услови при вршењето на конкретната дејност е во надлежност на други институции.
„Што се однесува на критичната вечер, дали да или не биле исполнети, неколку пати посочив дека треба да одговори вешто лице од противпожарна заштита, ние како архитекти и градежни вештаци не можеме“, рече Русески.
Обвинителството отвори прашања и за полиетиленскиот сунѓер што бил употребен во внатрешноста на дискотеката. Вештакот посочи дека анализирал дали постои законска забрана за употреба на таков материјал, но дека нема лабораториски испитувања за неговото влијание врз пожарот.
„За сунѓерот не постојат од ниту една страна лабораториски испитувања за неговиот ефект затоа што сунѓерот на самото место не постои, изгорел. За евакуацијата и бројот на посетители треба да одговори вештак од таа област“, изјави тој.
Во продолжението на вкрстеното испитување, обвинителката Наташа Сарамандова отвори прашања за претходните професионални ангажмани на Русески и за евентуални причини за негово изземање од постапката.
Обвинителството посочи дека Русески претходно изработувал вештачење на барање на обвинетите Николчо Коцев и Љупчо Стаменков, во кое учествувала и архитектката Василка Каевска. Беа поставени прашања и за соработката со други вешти лица во предмети поврзани со слична материја.
Русески потврди дека соработувал со споменатите лица, но отфрли дека постои основа да биде изземен.
„Сите работиме под закон… Инаку, 11 вештаци се обвинети за лажен исказ врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен“, изјави Русески.
Тој објасни дека Каевска била вклучена во изработката на вештачењето за полесно да се одговори на поставените прашања, додека геодетот Инает Ертани имал консултативна улога.
Начинот на испитување предизвика реакции и кај одбраната, која оцени дека вештакот е изложен на малтретирање и навреди, обвинувајќи го Обвинителството дека поставува прашања без соодветна основа.
Во делот од расправата посветен на градежната документација, обвинителот Јакимовски се осврна на наодите во кои Русески навел дека објектот ги исполнувал основните минимални технички услови за вршење угостителска дејност – кабаре.
Истовремено, Обвинителството посочи дека во самото вештачење е наведено оти за процена на противпожарната функционалност, евакуацијата, електричните инсталации, вентилацијата и паничното осветлување се потребни дополнителни стручни процени од овластени лица.
Русески потврди дека неговото вештачење се однесува исклучиво на градежно-архитектонскиот аспект на објектот.
„Од мој градежен аспект објектот и материјалите во него не придонеле и не била надмината неговата противпожарна околност и целосно одговорил на својата намена. Од градежен аспект нема последици врз пожарот“, рече Русески.
Според него, интервенциите во внатрешноста на дискотеката претставувале градежно-занаетчиски работи, а не реконструкција или адаптација за кои би било потребно посебно одобрение за градење.
Обвинителството, пак, го отвори прашањето дека терминот „градежно-занаетчиски работи“ не е дефиниран во Законот за градење. Русески одговори дека станува збор за термин што се користи во стручната практика и дека за таквите интервенции не биле потребни дополнителни одобренија и лиценци.
Неговите тврдења дека објектот ги исполнувал градежните услови предизвикаа реакции и на претходното рочиште, особено кај семејствата на загинатите.
Александар Наунов, родител на една од жртвите, претходно реагираше дека градежните интервенции не можат едноставно да се третираат како занаетчиски работи за да се избегне одговорноста за евентуално градење без одобрение. Тој нагласи дека судскиот процес не се однесува само на градежните конструкции, туку пред сè на безбедноста на посетителите и одговорноста за изгубените човечки животи.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Постапката продолжува со изведување на доказите предложени од одбраната.

Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК. Во една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.


