Емили Ратајковски проговори за својата сексуална ориентација во интервју за ноемвриското издание на „Харпер’с базар“.
„Мислам дека сексуалноста варира. Не верувам дека има само стрејт луѓе“, изјави британскиот супермодел (31), коментирајќи го популарниот тренд на „Тик-ток“, во кој и таа учествува и сугерира дека е бисексуална.
За потсетување, Емили претходно објави видео од својата софа со зелено кадифе како одговор на прашање на корисник на „Тик-ток“ дали е вистина дека жените кои купуваат зелени каучи се бисексуални. Овој пат таа објасни што сакала да каже со видеото.
„Моја пријателка дојде кај мене дома и ме праша дали ја следам темата со зелениот кауч. И двете почнавме да се смееме кога сфативме дека имам огромен зелен кауч”, објасни таа, додавајќи дека, без разлика на шегата, таа сè уште не верува дека има исклучиво хетеросексуални луѓе.
Британската манекенка, која има и сопствен бренд костими за капење, „Инамората“, нагласи дека нејзин моментален приоритет е благосостојбата и среќата на нејзиниот едногодишен син Силвестер Аполо, кого го има со филмскиот продуцент Себастијан Бер-Меклард.
„Никогаш не сум имала толку јасни приоритети во мојот живот. Моето дете е на прво место и тоа е така. Мајчинството ме натера да се запрашам што е навистина важно во животот и што можам да го научам мојот син,” открива таа.
Ратајковски се повеќе влегува во светот на подкастите. Нејзиниот најнов подкаст, High Low with EmRata, започнува денес и ќе објавува две епизоди неделно бесплатно и уште една за претплатниците.
Таа откри и со какви теми ќе се занимава.
„Сакам да зборувам за секс, а во исто време да ја имам елоквентноста и стилот на интервју на Тери Грос. Многу теми ќе бидат поврзани со жените, тоа е она што најмногу ме интересира и тоа е она што го правам”, изјави Ратајковски за весникот.