Утрински Весник
Култура

Во МСУ – Скопје се отвора самостојна изложба на Наташа Неделкова

На 7 мај (сабота), во 12 часот на пладне ќе биде отворена самостојна изложба „Изведувајќи го безличното/Манифестирање на спекулумот“ (Performing the Impersonal / Manifesting Speculum) на уметницата Наташа Неделкова. Наедно ќе може да се ужива и во пролетно матине со единствениот поглед кон градот.

Куратори на изложбата се: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. Неделкова е една од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје.

Наедно, Неделкова е избрана од Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста 14 да биде дел од нивната официјалната програма оваа година.

„Изведувајќи го безличното / Манифестирање на спекулумот“ е проект на Неделкова кој се реализира во форма на две видео-инсталации „The Act of Seeing“ и “Manifesting Speculum” во два засебни простори во МСУ-Скопје. Во тие две „црни кутии“ на 3 проекции и 4 екрани ќе бидат претставени рефлексии за женската сексуалност, политичкиот ангажман, насилството и раскажувањето приказни.

Неделкова, потпирајќи се на концепти од Зигмунд Фројд и Лис Иригаре, ја преиспитува можноста за користење на техниките на манифестирање со цел да се визуализира женската сексуалност, која се смета за мистериозна, недостапна, за „црн континент“.

Со овој тематски фокус и на специфичен начин, ова е обид да се направи дополнителен придонес во расветлувањето на овој феномен.

„Низ овие инсталации го изведуваме безличното преку колективно слушање, танцување социјални кореографии и визуализирање позиции на протест. Женската сексуалност, гледана од перспективата на Манифестираниот спекулум, произведува етичко знаење кое е поетско, нетранспарентно и против општествениот поредок и закон. Таа е против опасните репродукции на истото. Ткае заедништво со непознатото што доаѓа, преку слободна игра“, вели Неделкова.

Изложбата се реализира со поддршка на Министерство за култура на Р.С. Македонија и ЕВН АД Скопје и ќе биде отворена до 26 мај 2022 година.

Текстот Во МСУ – Скопје се отвора самостојна изложба на Наташа Неделкова е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“