Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во соработка со Министерството за култура има чест да ве покани на изложбата „Поместени граници“, која ќе се отвори в петок, 15.4.2022 година, во 13.30 часот, во дворот на Министерството и ќе трае до 20 часот истиот ден.
Со тоа воедно се одбележува и 15 Април – Светскиот ден на уметноста.
Годинешното издание на годишната изложба на ДЛУМ – ,,Поместени граници“ ја има можноста на користење на отворениот простор – паркот на Министерството за култура и со тоа се вклучува во заедничкото празнување на овој светски датум на уметноста.
„Поставувајќи ја уметноста поблиску до гледачите, дури и случајните минувачи, ја продолжуваме мисијата – уметноста да биде духовна храна, преку неа да испратиме порака и да се запрашаме колку сме моќни да направиме промени“, велат од ДЛУМ.
„Поместени граници“ е веќе во своето шесто издание. Тоа е концепт-проект посветен на новите медиуми потенцирајќи ги уметничките процеси кои се отворени за промени, уметноста во хармонија со просторот, односот уметност и природа.
Самите уметници избрани за ова издание ги придвижуваат границите на мислите, експериментираат низ нивната замисла, а сето тоа е резултат на грижите, прашањата и евентуалните одговори што треба да ги постават во своите дела. Изборот на уметниците, главно од младата генерација, со свои решенија од последната година на творештво внесуваат енергија на поврзаност со природата, но и посветеност кон вечните теми на бесконечност, релативноста на времето, еколошкиот пристап кон постоењето, но уметниците се посветуваат и кон пробивањето на границите на разбирањето и надежта.
На изложбата ќе се претстават осуммина уметници – Марија Светиева, Ненад Тонкин, Ива Станковска, Дарко Базерко, Ана Трајковска, Јана Јакимовска, Славчо Максимовски и Ана Ивановска.
Текстот Шесто издание на изложбата „Поместени граници“ на ДЛУМ е превземен од МАКФАКС.