Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска имаше обраќање во врска со сите усвоени документи во изминатите две години, важни за реформите во судството.
Зборувајќи за активностите на Судскиот совет во правец на реализација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, но и на активностите во правец на обезбедување независно и транспарентно судство таа ги спомна конкретните документи важни за развојот на капацитетите на судството, а со тоа создавање на институции кои значително ќе ја вратат довербата на граѓаните во судскиот систем.
„Во текот на 2019-та година беше донесен нов Закон за судски совет, како и измени во Законот за судовите. Овие закони му наложија на Судскиот совет да донесе низа подзаконски акти со цел да се конкретизираат активностите на советот во правец на поажурно постапување, пообјективно оценување на работата на судовите и судиите, а се со крајна цел за побрза, поефикасна и задоволителна правда, што е клучното во враќањето на довербата кај граѓаните“, посочи Црвенковска.
Додаде дека со цел да можат објективно и непристрасно да ги оценуваат судиите, и да придонесат во објективизирање на оценките кои после ќе преставуваат основа за унапредување, донесена е како што рече Методологија за квалитативно оценување на судиите, но и Методологија за оценување на претседателите на судовите. Оваа методологија за подиректно, пообјективно и понезависно оценување на работата на судиите, според неа, веќе е имплементитрана во АКМИС системот, односно и е обезбедена информатичка поддршка неопходна за нејзина практична примена.
„Сите овие документи, особено подзаконските акти отвораат можност за поинакво и поефикасно делување на Судскиот совет во следниот период. Со овие документи се овозможува поинтензивно реформирање на судскиот состем, односно посоодветен пристап кон обезбедувањето независност, транспаретност и објективност на судството, главни елементи кои треба да влијаат на враќањето на довербата во судскиот систем. Она што сакам да го издвојам, со оглед на актуелноста, е Методологијата за квалитативно оценување на судиите, чија имплементација започнува денеска, откако претходно беше адаптирана во АКМИС системот за да може дигитално да се примени. На денешната седница на Судскиот совет ќе биде усвоен Правилник за формирање на комисиите во Судскиот совет, но ќе се формираат и самите комисии чија надлежност ќе биде да го спроведе процесот на оценување на судиите согласно новата методологија. За таа цел, претходно, беше ажуриран Судскиот именик, а од нормативен аспект изработен е Правилник за составување на комисиите од повисокиот суд, кои исто така ќе имаат значајна улога во процесот на оценување спроед новата методологија“, истакна Црвенковска.
Појасни дека сега системот ќе исфрли пет предмети на конкретниот судија по случаен избор, а судијата ќе има право да приложи други пет предмети за кои смета дека треба да му се изврши оценувањето. Тие 10 предмети ќе бидат сеопфатно и аналитично проверени и оценети. Тоа значи дека Судскиот совет прави целосен пресврт во начинот на оценување на работата на судиите и претседателите, односно ги наметнува објективните пред субјективните критериуми. Тоа во иднина, според Црвенковска, ќе донесе поодговорни и попосветени судии, што ќе биде основа за поголема доверба кај граѓаните.
„Во иднина неопходно е да спроведеме обуки на комисиите, и на оние во Судскиот совет и на комисиите составени од судии од повисоките судови, кои ќе се занимаваат со оценувањето на судиите и претседателите, а се со цел таа постапка да биде поверодостојна, пореална и потранспаретна. Ако имаме објективно оценување на судиите, нивно унапредување врз мерливи и објективни критериуми, ако обемот на нивната работа е определен врз основа на сложеноста на предметите, тогаш несомнено ќе имаме поефикасно, побрзо и понезависно судство што ќе значи поголема доверба на граѓаните во судскиот систем“, рече Црвенковска.