Утрински Весник
Свет

Црна Гора складира храна и гориво

Црна Гора складира храна и гориво

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ остро ја осуди руската агресија врз Украина, додека владата на земјата обезбедува резерви на храна и гориво.

Ѓукановиќ рече дека Русија ги крши сите основни принципи на меѓународното право, ја поткопува европската безбедност и ја загрозува нејзината стабилност.

„Се придружуваме на повиците на лидерите на Европската унија до Русија итно да ги прекине непријателствата, да ги повлече силите од Украина и да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, напиша Ѓукановиќ на „Твитер“.

Црногорското Министерство за надворешни работи исто така ја повика Русија да ги повлече своите војници и да го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Тие посочија дека Црна Гора „остро ја осудува неиспровоцираната воена агресија на Русија против Украина“.

„Црна Гора стои обединета со своите евроатлантски партнери и сојузници во поддршка на Украина“, соопшти црногорското Министерство за надворешни работи.

Црна Гора е членка на НАТО и ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Европската унија.

Во исто време, црногорските медиуми објавија дека владата во Подгорица обезбедила залихи на храна за три месеци и снабдување со гориво за два месеца поради настаните во Украина.

„Сите трговски ланци имаат доволно залихи на храна и граѓаните можат да бидат целосно безбедни. Ова е направено поради нарушувањето на меѓународниот пазар, кое е поврзано со ситуацијата во односите меѓу Русија и Украина“, изјавил извор од црногорската влада.

Можете да прочитате

Мал авион се урна во австриските Алпи – четири лица загинаа

Големо невреме ја погоди Турција: Авион принудно слета по удар од гром

Бројот на жртви од поплавите во Тексас се искачи на 27, меѓу кои девет деца и директорката на кампот