Обвинителката Лиле Стефанова е задоволна што осум обвинети во „Титаник” признаа вина.
Таа пред судијата Осман Шабани посочи и дека шестмина од обвинетите требa да добијат условни казни, бидејќи имаат низа олеснителни околности.
Само за обвинетиот Миле Јанакиески и Коста Митровски беше побарано ублажување, но не и условување на казната.
„Денес дел од обвинетите, дадоа доброволно и јасно признание. Како јавен обвинител го ценам чинот кој го преземаа денес и дадоа пред судот признание за кривичните дела за кои се гонеа. Признанието е само по себе голема олеснителна околност за обвинетите. Кога судот ќе ја утврдува казната по вид и висина, признанието да го цени како особена олеснителна околност. Секој од обвинетите има свои олеснителни и отежителни околности кои судот треба да ги цени кога ќе ја носи пресудата за казната”, кажа Стефанова.
Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, шефот на кабинетот на Никола Груевски – Мартин Протоѓер, како и уште петмина други обвинети во случајот признаа вина на денешното судско рочиште.
Во случајот се обвинети 21 лице. Тие се гонат за повеќе дела, како злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал.