Утрински Весник
Македонија

Јавно обвинителство: Дигитализацијата на правосудството треба да овозможи ефикасност и транспарентност

Јавно обвинителство: Дигитализацијата на правосудството треба да овозможи ефикасност и транспарентност

Дигитализацијата на правосудството, со која е опфатено и Јавното обвинителство, треба да овозможи ефикасност и транспарентност и да го олесни пристапот на граѓаните до правдата, заклучија учесниците на регионалната отворена дебата „Дигитално правосудство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“, што се одржа денеска во Скопје.

Системот на информатичко-комуникациски технологии е неопходност во работењето на јавните обвинителства, но тој мора да гарантира безбедност и трајност на податоците. За негово непречено функционирање потребна е соодветна инфраструктура, човечки и финансиски ресурси, како и соодветни законски измени, нагласи Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески.

„Во моментов, во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се вработени само двајца инженери-информатичари и по еден во три виши јавни обвинителства. Во ниту едно основно јавно обвинителство нема ИТ кадар, а со тоа нема ниту достапна ИТ поддршка во работењето. Опремата со која работиме е во употреба повеќе години и веќе е амортизирана и застарена во однос на потребите кои ги имаме“, рече Јовески.

Тој додаде дека Јавното обвинителство, преку финансиска поддршка од ИПА проектите и од сопствени буџетски средства, прави обиди за надминување на овие состојби. Исто така, во рамките на обвинителството веќе постои систем за електронско управување со предметите, но тој не е целосно во функција, а една од причините за тоа е немањето доволно човечки ресурси. Потребно е надоградување на системот за да се овозможи електронска распределба на предметите со почитување на начелото на независност и увид во работата на јавните обвинители.

“Имајќи ја предвид моменталната состојба, сметам дека што поскоро треба да се зајакнат нашите капацитети, да се вработи и да се остручи соодветен кадар, да се набави нова и соодветна опрема. Врпочем, ваквата активност е предвидена и во Акцискиот план за имплементација на Стратегијата и е императив за успешноста на процесот на дигитализација на правосудството“, рече Јовески.

Дигитализацијата на правосудството е долгорочен и тежок процес, но Јавното обвинителство има сериозен пристап кон овој процес, оцени Лазар Нанев, претседател на Основен суд Кавадарци и претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи.

„Со спроведување на дигитализацијата согласно европските стандарди се олеснува работата на судовите и обвинителствата, а размената на податоци меѓу институциите станува брза и ефикасна. Интероперабилноста на институциите е исклучително важна за да се зголеми ефикасноста и да се обезбеди владеење на правото“, рече Нанев.

Потребен е соодветен план за операционализација на дигитализацијата и на ниво на јавното обвинителство, потенцираше проф. д-р Гордана Лажетиќ, член на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи. “Неопходно е јавните обвинители да добијат можност и во текот на претходната постапка да комуницираат преку платформата за интероперабилност со другите државни органи. За ова да биде функционално, потребно е сериозно кадровско зајакнување на обвинителствата“, додаде Лажетиќ.

Можете да прочитате

Премиерот Мицкоски и Љутков на Промоција на целосната санација на Музеј на вода, Наколна населба во Заливот на Коските

Расветлени се мотивите за дел од случаите со пожарите кои настанаа изминатиот период, откри Тошковски

НОВ ТОПОЛ БРАН ОД АФРИКА: Во Македонија температурите во пораст!