Утрински Весник
Македонија

Шилегов: За речиси двојно го намаливме загадувањето на воздухот во четири години

Шилегов: За речиси двојно го намаливме загадувањето на воздухот во четири години

Загадувањето веќе не е топ-тема во Скопје и тоа е добра вест за скопјани, смета градоначалникот на Скопје петре Шилегов. Официјалните бројки, како што вели, покажуваат нешто многу поразлично од тоа што го покажувале пред 4 години односно може да се забележи дека просечната вредност на ПМ честички на метар кубен е намален речиси за двојно. Ако во 2016 година сме имале 71,9 микрограми на метар кубен ПМ честички во 2020 имаме само 40, што е одличен резултат.

„Иако се верува дека метеоролошките прилики се тие кои значително влијаат на квалитетот на воздухот, гледаме дека на годишно ниво, брзината на ветерот и температурата биле со речи си константни вредности. Ова значи дека токму мерките дале резултати а не различните временски прилики“, рече Шилегов.

Градот, како што нагласува Шилегов, презема многу мерки за загадувањето а резултатите и мерењата покажуваат дека стратегијата функционира. Се обезбедија субвенции за купување инвертери, чистење на оџаци, за 15.000 велосипеди. Се набавија нови 33 автобуси на гас, се подигнаа 300.000 м2 ново зеленило а инспекциските контроли се зајакнаа. Многу важен аспект на борбата со загадувањето е враќањето на Дрисла во владение на градот, каде веќе се користи новиот инсенератор за третирање на медицинскиот отпад.

„Сите овие мерки дадоа одличен резултат и резултираа со 10.000 активни оџаци помалку во Скопје и100-ина заменети котли за греење на државни згради. Затворивме 10 диви депонии и ги исчистивме сите во рамки на ГУП а на нивно место посадивме дрвја и зеленило“, истакна Шилегов.

Додаде дека овие добри стратегии продолжуваат и во следниот мандат.

„Издвоивме високи 4 милиони евра субвенции за инвертери и средства за 30.000 субвенционирани велосипеди. Градот ја заврши секундарната гасификација и подготвени сме да реализираме финална фаза и да донесеме гас до домаќинствата“, вели Шилегов.

„Да не заборавиме дека градежните активности на Градот не се мегаломански и непотребни проекти кои дополнително го задушуваат нашиот град, неговиот воздух и естетски. Овие бројки се доказ дека се движиме во вистинскиот пат кога станува збор за загадувањето и мојата намера, нашата намера е да продолжиме во таа насока“, заклучи градоначалникот на Скопје.

Можете да прочитате

Нов случај на измама во Тетово

Собранието го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител

На 30 март почнува судењето против Стојанче Николовски