Утрински Весник
Култура

Книга за арс-поетичките компонентни во творештвото на Блаже Конески

„Арс-поетичките компоненти во творештвото на Блаже Конески“ е насловот на книгата студии од литературниот критичар, есеист и книжевен научник д-р Веле Смилевски. Книгата се појави во рамките на едицијата „Книжевни истражувања“ на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје, со рецензија на д-р Вера Стојчевска Антиќ.

Во првиот дел од книгата Смилевски се задржува на значењето на делото на Блаже Конески (1921 – 1993) во развојните процеси на современата македонска литература.

„Со својот богат опус, како поет, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист и преведувач, Конески остави длабоки траги во повоениот развој на македонската литература, како и во областа на науката за книжевноста и лингвистиката. Без сомнение, тој е најблескавата творечка вертикала на македонската литература и култура во втората половина на 20 век“, подвлекува Смилевски.

Во наредните поглавја од книгата акцентот е ставен на поетското и есеистичкото творештво на Блаже Конески при што предмет на истражување и толкување се изворната и посредната улога на арс-поетичките компоненти, феноменот на авторскиот коментар во песните, творештвото како естетички остварена идеја, правото на добрите мајстори и принципите на одбрана на поезијата.

Во посебен оддел, објавен е избор од поезијата на Блаже Конески, под наслов „Читач“, со песни кои се огледни на темите за кои пишува Смилевски.

Книгата „Арс-поетичките компоненти во творештвото на Блаже Конески“ од Веле Смилевски се појави во рамките на програмата на Министерството за култура со која 2021 е прогласена за Година на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Текстот Книга за арс-поетичките компонентни во творештвото на Блаже Конески е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“