Скопскиот акведукт е еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. За жал, не можеме да се пофалиме дека тоа е по наша заслуга. Затоа го нареков ремек-дело на старите градители, кое им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме, рече министерката за култура, Ирена Стефоска, на денешната работна посета на локалитетот кај скопскиот акведукт.
Придружувана од директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, и од директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, Стефоска најави дека денеска почнува првата фаза на конзервација и реставрација на скопскиот акведукт.
„Заштитата е скапа работа, но не е ништо во однос на вредноста на ова културно добро. Акведуктот не е градежен материјал за несовесните и несвесните ниту, пак, е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот акведукт е скапоценост“, рече Стефоска.
Таа изрази уверување дека институциите ќе ги вложат сето знаење и умешност во неговата заштита и, како што рече, имаме обврска акведуктот да го промовираме пред светот, кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации.
„Но, пред тоа неговата вредност треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа ‘Сити мол’, но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: „Тоа и го спасило“. Но, убедена сум дека од денеска акведуктот ги добива заслуженото внимание и грижа“, рече Стефоска.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за обемна и скапа работа и веројатно ќе изискува подолг период. Како што рече, ќе се работи на повеќе сегменти, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од разни области, архитекти, конзерватори, историчари и други.
Според директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, оваа година е многу значајна во делот на заштита на нашето наследство.
На прес-конференцијата беше истакнато дека Владата неодамна донесе одлука за прогласување на акведуктот за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности не само од големо национално значење туку тој му припаѓа и на човештвото. Со тоа скопскиот акведукт го доби највисокиот акт на заштита, што овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла.
Текстот Стефоска: Од денеска акведуктот ги добива заслуженото внимание и грижа е превземен од МАКФАКС.