Утрински Весник
Македонија

Заев за Максим Димитриевски: Оној кој ќе тргне против СДСМ, не може да биде член на партијата

Заев за Максим Димитриевски: Оној кој ќе тргне против СДСМ, не може да биде член на партијата

Во Статутот на партијата, кој членовите го почитуваат како устав, јасно стои дека оној што ќе тргне против партијата и ќе се спротивстави на одлуките на партијата, не може да биде СДСМ, рече денес премиерот Зоран Заев за најавеното исклучување на сегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, откако тој се одлучи за независна кандидатура на претстојните локални избори.

На следната седница на Централниот одбор, Заев рече дека само формално ќе се помине процедурата за исклучувањето кое самиот Димитриевски го направил со независната кандидатура.

„Максим Димитриевски беше член на Конгрес, по функција член на Централниот одбор, како градоначалник секогаш имал можност да дојде да ги каже своите забелешки. И овде јасно ја знае процедурата како се донесуваат одлуките и неговата определба да не дочека СДСМ да ја донесе одлуката и преурането да го напушти процесот на селекција на кандидатите, согласно сите истражувања кои ги правевме, е негова лична одлука и со таа лична одлука ја донесе и одлуката за себеисклучување од СДСМ“, рече Заев.

Димитриевски, според премиерот, имал можност да ги каже сите забелешки и различности, да дискутира во органите на партијата и да се бори за неговите ставови.

„СДСМ е исклучително демократска партија која своите одлуки и определби не ги носи на основа на ставови на поединци или на некој колектив, туку ги носи на своите органи и тела и на основа на Статутот, тој за нас е најважниот документ по кој работиме и секако е израз на максимална демократска процедура во СДСМ. Таму е јасно опишано, кога ќе тргнете против СДСМ, кога ќе се спротивставите на СДСМ, не можете истовремено да бидете и член на СДСМ“, рече премиерот Заев.

На забелешките дека со најавеното исклучување на Димитриевски, партијата не постапува по Статутот, Заев одговори дека Статутот е јавно достапен документ, надополнет со етички кодекс кој дава максимална слобода на членовите, но и ги повикува на обврски кои треба да ги почитуваат.

И покрај независната кандидатура на Димитриевски во кого велат дека вложиле и како држава и како партија, Заев смета дека во Куманово ќе победи СДСМ оти оваа партија победува 30 години и тврди дека нивниот кандидат Оливер Илиевски заслужува да биде избран уште во првиот круг.

Можете да прочитате

ЗНМ и СЕММ: Новинарите имаат одговорност да известуваат професионално и етички во сензитивни ситуации

Јанев: Полицијата е партнер на граѓаните, обврска и задача е да им служи а не да владее

ВМРО-ДПМНЕ: Разбирлива е реакцијата на ДУИ за интерпелација на Тошковски, бидејќи сценарието за насилство и меѓуетнички тензии им е откриено