Галичник Филм Фестивал кој се одржа 5 -8 август, го разбранува културниот живот летово на еден свој уникатен начин, возобновувајќи ја филмската традиција во Галичник, стара дури еден век.
Четири дена филмски проекции на краткометражни филмови и музичка програма на Упија, пред публика од сите генерации, староседелци, но и дојденци кои за прв пат го посетуваат регионот.
Поради големата заинтересираност на публиката, Галичник Филм Фестивал во соработка со Делегацијата на Европската Унија Скопје организира ревијално прикажување на дел од наградените филмови.
Настанот ќе се одржи во петок, 20 август од 11:00 часот во Europe House Скопје, а бесплатно ќе можете да ги погледнете следните филмови.
– „Налепница“, добитник на Гранд при на Галичник Филм Фестивал, како и Најдобар актер доделена на Сашко Коцев за улогата на Дејан;
– „Ана“ , Најдобар филм на Галичник Филм Фестивал, воедно номиниран и на Канскиот филмски фестивал во главната програма;
– „Заедничка градина“, Најдобра кинематографија на Галичник Филм Фестивал;
– „Кожа“, Најдобра режија на Галичник филм фестивал, воедно добитник на Оскар за краткометражен филм;
– „Само една смрт до љубовта“, Најдобар анимиран филм на Галичник Филм Фестивал;
– „Битка“, Најдобар документарен филм на Галичник Филм Фестивал, воедно номиниран на ИДФА.
Дополнително од страна на жирито во состав Митко Панов, Игор Ангелов и Андреј Волкашин во рамките на фестивалот беа доделени и следните награди.
Номинираниот за Оскар, „Собата за писма“, доби награда за Најдобро сценарио, а „Ѕвезда што паѓа“ се закити со награда за Најдобра актерка за Маргарита Бушард во улогата на Клое. „Дора“ и „Бледиот светец“ се остварувања со Специјално Признание на Галичник Филм Фестивал.
Фестивалот годинава се одржа во соработка со Агенцијата за филм на Северна Македонија и Делегацијата на Европската Унија Скопје.
Текстот Ревијално прикажување на победниците на Галичник Филм Фестивал во Скопје е превземен од МАКФАКС.