Новата анкета изработена од агенцијата „Брима“ потврдува дека СДСМ е со најголема доверба од граѓаните, соопштија денеска од владејачката партија.
„На прашањето ‘Доколку денеска се одржат парламентарни избори, за која политичка партија ќе гласате’, 18,9 отсто од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, додека 16,3 отсто изјавиле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, понатаму следуваат ДУИ, Алијанса за Албанците, Левица, БЕСА и ДПА“, се наведува во партиското соопштение во кое се презенираат резултатите од анкетата.
Од СДСМ порачуваат дека предвид треба да се земе и фактот дека Движење БЕСА е дел од коалицијата „Можеме“, што според нив значи дека рејтингот на оваа коалиција е уште повисок и изнесува 22,8 отсто.
Од владејачката партија посочуваат и дека нејзиниот претседател, Зоран Заев, според резултатите од истражувањето, останува политичар со убедливо највисок рејтинг и најголема доверба од граѓаните.
„На прашањето ‘Во кој политичар имате најголема доверба?’ 12,6 осто изјавиле дека тоа е Зоран Заев, додека за Христијан Мицкоски се изјасниле само шест отсто од испитаниците. Повеќе од двојно е разликата во рејтингот помеѓу претседателот Заев и Мицкоски“, нагласуваат од СДСМ.
Според нив, тоа е потврда дека граѓаните знаат дека со Заев се можни напредокот, развојот и интеграцијата.
„Споредено со исто истражување од ‘Брима’, спроведено во јули месец 2020 година, евидентен е растот на довербата кај граѓаните кон претседателот Зоран Заев од 3.1 процентен поен, а раст бележи и рејтингот на СДСМ, што покажува дека довербата од граѓаните постојано се зголемува“, велат од партијата.
Повикувајќи се на резултатите од „Брима“, од СДСМ наведуваат и дека огромно мнозинство од македонските граѓани остануваат посветени на европската агенда.
„На прашањето ‘Што е подобро за нашата земја, да стане или да не стане членка на ЕУ?’, огромни 76,3 отсто од испитаниците одговориле дека е подобро да станеме членка на ЕУ, додека само 19,8 отсто одговориле дека е подобро да не станеме членка на ЕУ“, стои во соопштението во кое се додава дека ова значи дека нашите граѓани се силно поставени на европскиот курс, дека не гледаат алтернатива на ЕУ.
Анкетата на „Брима“ била правена во периодот од 28 мај до 16 јуни, на терен, во домовите на испитаниците, преку ТАПИ методот, при што се опфатени 1.194 испитаници. Маргината на грешка е плус минус 2,8 отсто, објаснуваат од СДСМ, нагласувајќи дека откако им била понудена, ја откупиле оваа анкета и со тоа стекнале право истата да ја користат и објавуваат.